top of page

Катерина Златановска Попова: Хибридните настани овозможуваат полесно поврзување и учење

Updated: Jan 24, 2023

Се повеќе организации организираат хибридни настани поради новата реалност предизвикана од глобалната пандемија. Стручњаците велат дека тие се иднина и затоа секако го заслужуваат и нашето внимание. Еден таков хибриден настан организиравме и ние, во ЛинкАкрос Центарот за Развој во Скопје, во рамките на проектот GrowBiz, поддржан од USAID. Во текот на проектот во 2020 и 2021 година беа организирани неколку хибридни настани. Предавачите на еден од настаните беа Катерина Златановска Попова од Скопје и Џиџи Бил од Соединетите Американски Држави.


Повод за ова интервју со г-ѓа Златановска Попова е да дознаеме повеќе за нејзиното искуство како предавач во ЛинкАкрос Центар за Развој и нејзината перспектива за иднината на хибридните настани во Македонија.



Катерина, кажете ни повеќе за вас и за тоа што работите.


Катерина Златановска Попова, хибридни настани, Katerina Zlatanovska Popova, hibridni nastani
Катерина З. Попова

Повеќе од 20 години сум активно вклучена во програми за едукација на млади и возрасни преку формално и неформално образование работејќи како професор, предавач, сертифициран обучувач на возрасни, советник за развој на кариера и експерт за развој на човечки потенцијал.


Од 2012 година наваму, вклучена сум во активности како индивидуално и групно советување и проекти поврзани со развој на кариера. Во моментот активно учествувам во спроведување на неколку проекти, од кои и 4 ERASMUS + проекти во партнерство со организации од Полска, Шпанија, Кипар, Турција, Летонија и Чешка.




Претседател сум на Собрание на Асоцијацијата на Советници за развој на кариера, АСК. Силно верувам во моќта на доживотното учење како и во секојдневниот предизвик својата лична животна мисија да ја пренесам на што повеќе луѓе помагајќи им да го достигнат својот потенцијал.



Како започна вашата соработка со ЛинкАкрос, со посебен осврт на GrowBiz.


Мојата соработка со ЛинкАкрос започна во 2017 година. Тогаш имав потреба да ги канализирам своите многубројни идеи за отпочнување на бизнис. Исто така, дополнително сакав да го научам јазикот и потребите на претприемништвото, бидејќи работев како Менаџер за човечки ресурси во компанија која се занимаваше со продажба на големо и мало. Поминавме низ обука за поставување на бизнис план, креирање на производи, поставување на вредностите врз кои ќе се темели бизнисот, грижата за клиентите. При тоа, бесценети беа и средбите со инспиративни говорници и гости со богато професионално и животно искуство.


Со оглед на тоа дека сите предавања беа веднаш практично применливи, јас со посебна страст продолжив да ги користам и споделувам во рамки на мојата работа како тренер и обучувач. Така се случи и дојде понудата во 2020 година да се вклучам како еден од тимот тренери во рамки на програмата GrowBiz и да соработувам со извонредната ЏиЏи Бил креирајќи обука за Грижа за клиентите и задоволство на вработените. Создадовме еден исклучителен спој на локален аспект (за кој јас бев одговорна) и интернационално искуство од експерт со огромно искуство како што е ЏиЏи Бил.


Дополнително, можеби е значајно да нагласам дека ова се случуваше во ек на пандемијата па целата подготовка се одвиваше онлајн. На самиот ден на обуката, јас и само неколку учесници бевме во тренинг центарот на ЛинкАкрос во Скопје. ЏиЏи беше вклучена од својот дом во Америка, како и станатите учесници, од Македонија и Албанија беа во своите компании.



Какво е Вашето искуство со хибридни настани (комбинација на физичко присуство и онлајн присуство) и коментар за ефективноста на истите.


Пандемијата наметна нов пристап кон обуките и развојот на вештини. Сметам дека хибридните настани отворија многу можности како за тренерите така и за учесниците. Моето искуство со хибридните настани е многу позитивно и верувам дека ќе продолжат да се организираат и по укинување на мерките и ограничувањата. Хибридните настани овозможуваат полесно поврзување, учење, искуство без граници, без дополнителни трошоци и од било кое место во светот.



Што е според вас потребно за еден хибриден настан да биде успешен?


Мислам дека тоа се техничката опременост и поддршка. Потребно е сите учесници, и оние онлајн и оние во самата училница да го имаат истото искуство и можност да следат и да се вклучат во активностите и дискусиите.



ЛинкАкрос Центар за Развој е релативно нова понуда на пазарот за одржување настани - онлајн, онсајт и хибридни - дали самиот простор ги задоволуваше вашите очекувања и потреби како предавач?


Просторот е извонреден. Целосно технички опремен, фунционален и практичен, обмислен на начин да ги задоволи потребите на тренерот. Воедно има и пријатна, безбедна и топла атмосфера за сите учесници. Јас и ЏиЏи ја имавме честа први да го „тестираме“ за време на нашата обука и морам да признаам дека сѐ функционираше беспрекорно, вклучително и техничката поддршка која ја имавме за време на обуката.



Една важна компонента за успехот на хибридни настани е технологијата. Како оваа компонента ви помогна да одржите фокусирано предавање во ЛинкАкрос Центарот за Развој?


Тоа беше навистина неверојатно искуство. Самото сознание дека јас сум во Скопје, вториот тренер е преку океанот, а учесниците се дел во Албанија, дел со мене, а дел во своите канцеларии низ Македонија и имавме непречена интеракција, можност да ги споделиме како презентацијата така и активностите ја направи обуката една од најдобрите и најнезаборавни во мојата кариера. Сето тоа немаше да биде возможно без извонредната подготвеност и стручност на тимот кој беше наша позадинска техничка поддршка, како и самата опрема со која се одликува ЛинкАкрос Центарот за Развој.



Конкретно, кога станува збор за хибридни настани, како беше направен тој баланс помеѓу двете публики – витруелната и физичката?


Тука доаѓа до израз вештината и искуството на тренерот. Тренерот ја носи одговорноста и обврската да ја одржува интеракцијата со целата група и воедно да се прилагоди на ситуацијата. За среќа, флексибилноста е една од моите силни страни, па би рекла дека лесно и брзо се прилагодив на новиот начин на работа и испорака на обуки онлајн и секако хибридните настани.


Најголемиот предизвик е во реализирањето на активностите и заедничките вежби, кои секако има начин како да се спроведат, во овој случај оние кои ја следат обуката во живо работат заедно, а оние онлајн се сретнуваат во виртуелните соби. Како и да е, хибридните настани отворија цел нов пристап и свет на можности кој треба да продолжиме да го негуваме и развиваме.



Дали сметате дека учесници на хибридни настани и обуки што биле присутни на лице место имаат подобро искуство од оние што учествувале online? Зошто?


Би рекла дека зависи од настанот и типот на обука. Кафе паузите се совршени за вмрежување и размена на искуства и креирање на нови соработки, сепак секогаш постои одлична можност и за „брза средба и запознавање“ и во рамки на виртуелниот или хибридниот настан.


Јас лично уживам да работам „во живо“, сметам дека вклученоста и интеракција со учесниците е многу поголема, а секако опкружувањето, гостопримството и атмосферата каде се одвива обуката се клучен фактор за целокупното искуство и задоволство на учесниците. Почестена сум што имав можност меѓу првите да работам во ЛинкАкрос Центарот за Развој. Сега кога конечно сите ограничувања се тргнати, со задоволство ги планирам следните мои обуки токму во овој центар за клиентите кои немаат сопствен простор наменет за обука на вработените.



И за крај, во пост-ковид услови - според вас, каква е иднината на хибридните настани тука во Македонија?


Сметам дека хибридните настани, обуки и конференции ќе продложат и по завршување на пандемијата. Со нетрпение го очекувам следниот технолошки исчекор кога ќе бидат достапни холограмите како надградба на овој важен нов и современ модел за поттикнување на доживотното учење и професионален развој.




тагови


79 views
bottom of page