Работа од Дома или Работа од Канцеларија: Предности, Недостатоци, и Што е Најдобро за Вас

Updated: Apr 13

Под влијание на пандемијата COVID-19, голем дел од вработените беа принудени своите работни обврски да ги извршуват од дома. Компаниите мораа брзо да се прилагодат на новата реалност, па така и сите ние во Македонија.


Тие што најбрзо се прилагодија, на вработените им обезбедија ресурси и системи преку кои вработените продолжија да работат во домашни услови. Единствен предуслов беше пристап до интернет и компјутер.


Реалноста е дека, по пандемијата, на сопствениците на мали и средни бизниси им треба поголема флексибилност. Нивните деловни потреби, цели и предизвици се поинакви и продолжуваат да се менуваат. Од таа причина фирмите почнуваат да размислуваат за промени во начинот на работа, за да им овозможат на своите вработени подобар баланс во животот и поголема продуkтивност во работата.


Работа од Дома и Продуктивност


Многу работодавачи се плашат да им дозволат на вработените да работат од дома бидејќи веруваат дека тоа ќе има негативно влијание врз продуктивноста. Ајде да видиме што покажаа истражувањата.

Работа од Дома или Работа од Канцеларија, центар за развој скопје, изнајмување на простор, изнајумвање на канцеларија, настани

Студијата спроведена во 2012 година на универзитетот Инсбрук во Австрија покажува дека вработените на кои им биле доделени здодевни задачи работеле подобро и побрзо кога задачите ги извршувале во канцеларија. Ако не го сакате она што го работите, вниманието лесно може да отплови некаде, посебно ако сте во домашна атмосфера.


Ако ги погледнеме истражувањата по прашање на продуктивноста од времето пред пандемијата, лесно ќе заклучиме дека продуктивноста се намалила во услови на работа од дома. Но, што викаат поновите студии?




Некои понови студии покажуваат нешто друго. Не само што е можно да работиме од дома, туку дека и продуктивноста може да порасне. Според извештајот на Оwl Labs од 2021 година, кај оние кои работеле од дома, забележани се следниве бенефити:


  • Ефективно одработуваат цел еден ден повеќе.

  • Продуктивноста се зголемила за цели 47%.

  • Позитивно влијание врз менталното здравје 74%.


Студијата од универзитетот Стенфорд спроведена на 16.000 вработени во call центрите покажа дека продуктивноста се зголемила за 13% при работа од дома. Во истата студија, вработените пријавиле зголемено задоволство од работата, а стапката на напуштање на работното место се намалила за 50%.


Според истражувањето на ConnectSolutions, 77% од оние кои работат од далечина барем неколку пати месечно покажуваат зголемена продуктивност; 30% сработуваат повеќе работа за помалку време, а 24% сработуваат повеќе за исто време.

Работа од Дома и Флексибилност


Една од најпосакуваните придобивки од работењето од дома е флексибилно работно време. Работните часови се сосема во рацете на вработените и секој може да си го креира својот работен ден според своите потреби. Кога работиш од дома, ти самиот/самата си одредуваш кога почнуваш, и кога завршуваш со работа.


Студијата на Workplace Intelligence и WeWork покажа дека 95% од вработените во САД сакаат да имаат контрола врз тоа кога, каде и како работат. Ова е една од причините зошто толку многу компании се префрлија на таканаречениот „хибриден модел“ на работа, дозволувајќи им на вработените да дојдат на работното место кога и каде сакаат.


Хибриден модел подразбира комбинација помеѓу работење во канцеларија, од дома или од некое друго место надвор од компанијата. На пример, Amazon се одлучи за хибриден модел на работа, со тоа што вработените треба да дојдат да работат во канцеларија минимум 3 пати неделно. Од друга страна, Twitter, дозволува на своите вработени да работат од дома како трајна опција, доколку вработениот тоа го сака.


Работата од дома има свои добри страни, вклучувајќи флексибилност за вработените и намалени оперативни трошоци за компаниите. Сепак, работата од дома има многу дистракции. Со добра организација и дисциплина работењето од дома може да биде продуктивно. Ако домашните обврски не може да ги одвоите од професионалните - можеби ова не е вистинскиот модел на работа за вас.

Работа од Канцеларија


Ако имате можност да одберете дали ќе работите од дома или во канцеларија, како ќе одлучите?


Некои успеваат да го одржат тој совршен баланс помеѓу работа и приватно време кога работат од дома. За други, важно е да постои просторна одвоеност помеѓу личниот живот и работата.


За култури како нашава, каде што социјална интеракцијја е на исклучително високо место, работа во канцеларија за многу луѓе е прв избор. Ова секако зависи и од возраста на вработениот, големината на семејството, и големината на домот.


Извештајот од 2019 година на State of Remote (buffer.com) укажува на предизвиците на тие што работат од дома, па така три најголеми негативни карактеристики на работа од дома се неможност да се исклучите од работата (22%), осаменост (19%) и соработка и комуникација (17%).


Интеракција лице в лице и создавање подлабоки врски можни се исклучиво кога имате вработени во иста канцеларија. На овој начин се обезбедува атмосфера за воспоставување доверба и градење врски со тимот. Како резултат на тоа, се поттикнува иновација и продуктивност што придонесува за раст на бизнисот.


Кога работите во канцеларија, немате избор во вашето опкружување. Ако имате бучен колега или седите под клима уредот, тоа ќе влијае врз вашата продуктивност. Од друга страна, истиот колега може да ви помогне да најдете подобро решение за некоја задача.

Работа од Дома или Работа од Канцеларија, центар за развој скопје, изнајмување на простор, изнајумвање на канцеларија, настани

Културата на една компанија најдобро се гради кога вработените се присутни во самата компанија. Ова е исклучително важно за работодавачите, но и за вработените. Сите сакаме да бидеме дел од една поголема приказна. Ако си дел од приказната твојот фокус и посветеноста ќе бидат на повисоко ниво.



Погоре спомната австриска студија од 2012 година покажува дека цела „канцеларија“ ќе има послаби перформанси ако сите вработени работат од дома наместо заедно на исто место.


Некои од негативните страни на работа во канцеларија вклучуваат повеќе време за одење и враќање од работа, нефлексибилни работни саати, зголемени финансиски трошоци, и предизвици во однос на здравје и сигурност на работното место.


Нешто што работата од дома и технологијата не можат да го заменат е атмосферата која постои кога целиот тим е на иста физичка локација - во канцеларија. Без оглед дали се работи на канцеларија во самата компанија или изнајмен простор за тимски состаноци.


Заклучок


Во време на криза, компаниите и вработените се прилагодија на нови услови на работа. Голем дел од вработени беа во позиција нивните домови да ги прилагодат во нивните канцеларии. Флексибилноста и продуктивностса беа ставени на тест. Се покажа дека работа од дома може да биде од корист за двете страни, вработените и компаниите.


На крајот на краиштата, нема правилен или погрешен одговор кога станува збор за идеалното работно опкружување. Придобивките и недостатоците ги има и на двете страни. Можеби за одредени индустрии подобро е вработените секогаш да доаѓаат на работа во канцеларија. Но сепак, постојат многу компании кои го имаат тој луксуз да одберат вистински модел за нив.


Пред се, овој избор е на сопствениците и менаџерите, но благодарение на новите истражувања има доволно податоци за тие да направат добар избор за сите, компанијата и вработените. Во таа насока многу компании сакаат да ги намалат оперативните трошоци и ги одржуваат неделните состаноци во изнајмените простори.


Од друга страна, кога вработениот има можност за избор, секој од нас пак ќе одбере според лични приоритети и потреби.


Затоа, се повеќе и повеќе компании одбираат хибриден модел – можеби најдоброто од двата света.


Дали со ова би се согласиле и вие и вашите колеги? Ќе зборуваме повеќе за хибридниот модел во еден од нашите следни блогови.

 

Tags


39 views0 comments