Како хибридниот канцелариски простор ја подобрува тимската мотивација

Мотивираноста на тимот директно влијае на успешноста на секоја компанија. Додека во минатото најдобра мотивација беше добрата плата, помладите генерации не паѓаат само на високи плати. Еден таков начин за мотивација е редовното користење на хибриден канцелариски простор.


Photo by CoWomen on Unsplash

Како тимовите губат мотивација


Секоја компанија, на самиот почеток започнува со висока мотивираност. Секој вработен е близок со сите други. Визијата и мисијата на компанијата иако не е формално запишана, тече низ вените на секој еден вработен. Енергијата која го исоплнува воздухот е толку заразна што на секому му се чини дека, еј, нашава екипа е незапирлива.


Но, со тек на време, како што тимот расте и секој поединец е фокусиран на својата работа, полека но сигурно, тој елан спласнува. Состаноците веќе не се толку наелектризирани, вработените веќе не се толку ентузијастички расположени, а лидерите на тимовите брзо ја прифаќаат таа нова ситуација.


Полека и ненасетно, таа почетна заљубеност и залуденост која го исполнувала воздухот, сега полека се заменува со измореност, разочараност. Ако тим лидерите не ја препознаат силуетата на оваа опасна појава, тимот ќе почне да се сецка на „наши и ваши“ што може да резултира дури и со правни проблеми.


Да не зборуваме за финансиските загуби. Кај нас, често се слуша онаа народната „абе не може он да не ме плаќа доволно, колку шо ја можам да не работам за она шо сум платен.“ И на таков начин се јавува еден јаз меѓу вработените и менаџерите.

Начини да се одржи мотивацијата на тимот


Постојат еден куп истражувања за тоа што и колку влијае на продуктивноста на тимот. Но, ние овде јужно, не мора да погледнеме подалеку од компаниите околу нас.


Дури и во дисциплинираниот Запад, истражувањата покажуваат дека во просек, најпродуктивните работници едвај одработуваат 5-6 часа на ден. Просекот на ниво на компании, е околу 4-5 одработени часа секој ден.

Дел од овој проблем се меѓучовечките односи, но дел од проблемот е и самата монотонија што сите нам не фаќа од одењето по ист пат на работа. Влегување во истата зграда, седење на истото столче, па дури и тоа столче да е од 1000 евра.


Сакаме промени.

Сакаме чести промени.


Работни патувања, тим билдинг настани, хакатлони итн стануваат дел од општата пракса со цел да се разбие таа монотонија. Сето ова меѓутоа, знае да биде изгор-скапо. Затоа компаниите не се баш секогаш среќни кога некој ќе предложи да се организира некој ваков настан.


Еден од поефтините но доста ефективни методи за мотивирање е организирање на Пица-Петок. На крај од работното време, тимот може да се собере и заедно да јадат пица. Психолошкиот момент овде е тоа што сите јадат “од исти тањир“... поточно секој зема по некое парче од истата кутија, од истата пица. Самото тоа споделување на иста храна дава еден интересен момент на блискост, припадност, прифатеност. Ова дури станува и ритуал, па тимската кохезија е подобрена, а не сме направиле ништо скапо или екстравагантно.


Трет, и сосема бесплатен начин да се подобри тимскиот дух е да се потсетиме на повисоката цел на она што го работиме. Овој предизвик пред се е на рамената на менаџерскиот тим.

Визијата, мисијата и повисоките цели доаѓаат од менаџерите, додека од тимот се очекува да ја разбере и прифати пораката.


Еве една интересна приказна која може да ја искористите на следниот состанок, и да го опипате пулсот на тоа како вашиот тим размислува.

Пред некое време, во некое мало селце локалната црква ја фатил пожар, па изгорела. Селаните се собрале за да ја обноват својата црква, и брзо се собрале сите потребни пари, материјали и мајстори.


Додека мајсторите ја ѕидале црквата, дошол еден од локалните луѓе, човек во години, и се замуабетил со еден од мајсторите. „Што работиш, мајсторе?“ прашал старецот. Мајсторот, помлад човек, брзо му одговорил “Ах стрико… сега цигли, после малтер, и така цел ден секој ден.“

Потоа другиот ден старецот истото прашање му го поставил на другиот мајстор. Тој па му одговорил “еве, ѕидам ѕид.“

И третиот ден дошол старецот, и истото прашање му го поставил на третиот мајстор. А тој одговорил “Еее стрико, јас му градам куќа на Господ!“.


Од оваа приказна може да видиме како истата работа може да биде обична механичка работа, но може да биде и возвишена визија за нешто исклучително важно.


Ваквата перцепција на секојдневното работење може значително да влијае на мотивираноста на вработените. Но менаџерскиот тим мора креативно да пристапи, и да ги предизвика вработените со вакво размислување. Секој од тимот треба да си најде свој начин, својата секојдневна работа да ја поврзе со некоја повозвишена цел.


Докторите ова лесно го имаат решено. Тие не прегледуваат болни, и не издаваат рецепти. Тие спасуваат животи.

Адвокатите не се судат, туку овозможуваат правна држава во која секој се чувствува еднаков.

Полицијата не се расправа со бандити, туку воспоставува ред и мир, за секој граѓанин да се чувствува безбедно.


Секоја работа треба да најдеме начин да ја поврземе со некоја повисока цел, за секојдневното работење да не ни ја одземе радоста што инаку би ја имале.


Зошто хибриден канцеларски простор е одлична мотивациска стратегија


Покрај овие три методи за мотивирање на тимот, постојат и безброј други начини на кои може да ја разбудите енергијата во вашиот тим. Но, некогаш е потребно нешто сосема поинакво.


Една таква промена е буквално да го промените местото на работа. Повеќето компании веќе инвестираат или во сопствен канцелариски простор, или во долгогодишен наем. За сопствениците и менаџерите ова е добар пристап да се реши прашањето на простор. Но, вработените после некое време ќе го изживеат тој простор, колку и да е добар и удобен. Затоа, има опција за користење на привремени канцеларии кои може да ги закупите на час-два, или и подолго.


Таквиот закуп на некој друг канцелариски простор ќе им помогне на вработените да излезат од секојдневната истренирана монотонија. Со самото тоа што ќе знаат дека треба да одат на друго место, рамнодушноста веќе ја нема. Понекогаш дури и нервозата може да е подобра од рамнодушност. Меѓутоа, ваквите привремени канцеларии се обично многу пријатни места за работа, па вработените со нетрпение ќе чекаат да дојде денот и часот да одат во другата, “нова“ канцеларија.


Ваквиот хибриден канцелариски простор е одлична алтернатива да воведете свежа енергија.


Колку компанијата е постара, толку редовното изнајмување на привремени канцеларии ќе е поефективно. Замислете само како би се чувствувале, ако после години и години одење по истиот пат, качувањето по истите скали, чекорењето по истите ходници сега одеднаш и не е единственото работно место.


Замислете колку сите од тимот ќе се чувствуваат пораздвижени, ако секој понеделник го започнете во друга работна средина. Па така со свежа енергија може целата работна недела да добие сосема поинаков, попозитивен тон.


Да заклучиме


Мотивацијата на тимот има директен и мерлив удел врз продуктивноста и профитабилноста на секоја компанија. Демотивирани, обесхрабрени работници многу тешко, и многу често постигнуваат натпросечни успеси. Со тоа, самата конкурентност на компанијата е доведена во прашање.

Затоа менаџерите треба сериозно и често да размислуваат за различни начини на кои што можат да ги охрабрат и освежат своите вработени.

Од скапи тим билдинг настани, до обично и скромно јадење пица на работа, имаме различни начини на мотивирање на тимот.


Но еден од најефективните начини да се разбие таа монотонија е кога компаниите воведуваат промена на локацијата. Изнајмувањето на привремен работен простор, односно хибриден канцелариски простор, е многу ефективна мотивациска алатка, а не е скапа.


Во нашиот хибриден канцелариски простор веќе некое време доаѓаат разни тимови од повеќе компании од Скопје. Од досегашното нивно искуство, ваквата промена на сите им влијае позитивно.


“Нова адреса, нови ходници, нови столици, нов воздух за дишење, и сето тоа создава една позитивна енергија која што со пари не се купува.“ Ваквите изјави, пропратени со насмевка се честа појава. Скоро секојдневна. Веќе има и компании кои редовно го резервираат хибридниот работен простор и на тој начин секоја недела на своите вработени им нудат свежина и елан за работа.


Доколку ова ви звучи интересно, и сакате да дознаете повеќе за тоа како и вашиот тим може да ги користи овие канцеларии, слободно побарајте не на телефонските броеви подолу.


ЛинкАкрос Центар за Развој:

+389 70 530 599

+389 2 322 0426

www.centarzarazvoj.mk/sala


тагови



7 views